Градиштето кај Кнежје

Од античкиот период се регистрирани повеќе утврдени населби. Меѓу нив поголеми се: Градиште – Кнежје, Средно и Долно Градиште – Трстеник, Кула – Ѓуриште, градиштата кај Долно Ѓуѓанци, Мечкуевци, Делисинци и други. Во Народниот музеј во Штип се чуваат некои гробни наоди од селото Кнежје. Постои една надгробна плоча пронајдена во Малино, работена во мермер, со натпис каде се споменува некој Ѕоилос. Друга таква, работена во зелен песочник, е најдена во Мечкуевци. Во Домот на културата се наоѓа еден релјеф со претстава на ориенталното божество Митра.

Од споменатите градишта особено внимание привлекува она кај селото Кнежје. Познато е по својата импозантна големина и доминантната местоположба. Тоа е една утврдена населба со дебели одбранбени ѕидови градени од камени блокови дебели 2 – 3 метри. Неговата форма е неправилна и завзема површина од 20 хектари. Според димензиите тоа е најголема населба во Македонија. На површината се сретнуваат  керамички фрагменти работени со рака – груби, и други работени на грнчарско коло со фина фактура. По боја се сиво и црвено печени. Украсувани се со редок лак и разни врежани орнаменти. Формите на садовите се разни чинии, чаши, бокали, амфори и други форми.

Селаните од овој локалитет носеле камења за градење на куќите. Ова било особено активно околу 1930 година. Тогаш се уништени големи партии од одбранбениот бедем. Ова градиште познатиот археолог д-р Иван Микулчиќ го идентификува со античкиот град Билазора. Порано овој град бил лоциран кај Велес. Во прилог на својата хипотеза тој, покрај големината, ги наведува и фактите дека градот Билазора се наоѓал на север од Македонија и ги бранел кланците од север од нападите на Дарданците. Единствено Овче Поле е отворено на север кон Куманово и запад со мали кланци од Ѓуриште кон Катлановското Поле. Според тоа, оправдано е овој град да се бара во Овче Поле, кое е плодна рамница и од неговите природни потенцијали можел да живее еден голем град. Исто така во прилог на неговата хипотеза е и фактот што во Велес постои само едно мало утврдување на Велешкото Кале, што било сосема доволно заради тешкиот премин да ја брани околината од нападите од север. Во прилог на хипотезата е и археолошкиот материјал. На Велешкото Кале се среќава и римска и средновековна керамика. На Кнежевското последна по старот е керамиката од 2 век пред нашата ера. Значи после тоа градот престанал да живее. Историски гледано тоа е времето на доаѓањето на Римјаните во Македонија. Тие многу градови ги нарушиле, што било случај и со Билазора. Во римскиот период Овче Поле се наоѓало во разни провинции. Некаде во реонот на Ѓуриште се наоѓале царинарниците меѓу провинција Македонија и Мезија. Иако под власт на Рим, овој терен останал длабоко верен на древните културни традиции. Со доаѓањето на Римјаните веќе во историјата не се споменува античкото племе Пајони. Нивниот најголем град Билазора и тие како етнос и како географски поим исчезнуваат од историската сцена.

 

извадок од

КУЛТУРНО – ИСТОРИСКИ СПОМЕНИЦИ ВО ОВЧЕ ПОЛЕ

Свети Николе, Јануари 1981

Здравковски Драгиша

 

This slideshow requires JavaScript.

 

Advertisements