Древното Овче Поле во новото време (интервју со Никола Ристевски)

Здраво живо. Благодарност за овозможената прилика за јавно презентирање на еден од ретките современи начини за промовирање на Република Македонија.

guДа започнеме. Која беше причината да се почне со објавување написи за Овче Поле, Македонија, но и повеќе информации кои што ретко се достапни на македонскиот виртуелен простор? Блоговите, интернет страните и социјалните мрежи се полни со текстови, видеа и фотографии за Овче Поле и Градот на Свети Никола?

Живо здраво. Се надевам дека доаѓа времето кога ќе имаме доволно сила, храброст и доблест да покажеме што навистина значи тимска работа. Имајќи возможност да користам достап до виртуелното село – интернет уште од пред петнаесет и кусур години, се уверив дека доколку зборовите за пребарување се соодветно комбинирани, а нивната застапеност во објавената содржина доволно релевантна, тогаш сообраќајот – прегледот на така спакуваната информација за одредено време добива на број, а и останува во виртуелниот простор, освен ако не е саботирана или цензурирана, што досега ретко ми се има случено. Секако дека тн модерна технологија ни овозможува повеќе начини за директна презентација, но само доколку ги имаме потребните ресурси и знаење за истата, како и обемот на содржината која што сакаме да ја пуштиме во етер .

По неколкуте блогови, добив прилика да ја имам адресата www.armakedon.com (2011та), дел од чија архива е достапна на www.theedge33.blogspot.com . Поголемиот дел од содржината беше на англиски јазик, но малиот број на информации на македонски допринесоа страницата да биде посетувана и од Македонци од целиот свет. Скоро целата наредна година (2012та) Учествував во проект за истражување на македонското културно наследство под патрон на неколку видни современи уметници, а поддржан од пријатели на македонската кауза. Дел од тие истражувања, во неофицијален и прелиминарен формат, заедно со извадоците од ретки книги, и скенираните примероци од литературата важна за денешна Република Македонија беа објавувани на www.loza.mk . Во 2013та ја поставив www.gonzomacedonia.wordpress.com каде што во догледно време ќе бидат објавени можеби првите текстови за македонското секојдневие, спакувани според специфичното Гонзо новинарство. Истата година, малиот број на електронски книги на www.luminous33.wordpress.com само го зголеми интернационалниот сообраќај кој продолжи да се генерира. Во 2014тата година почнав со јавна проверка на интересот за регионот од каде што доаѓам – Градот на Свети Никола во Овче Поле, и во функција беше ставена адресата www.ovcepole.com , при што само ми се потврди за големиот број на читатели кои што се интересираат од ваков тип на содржини (дел од архивата е достапна на www.ovcepole33.wordpress.com) .

цркваСекако дека навидум случајниот контакт со еден професор од Далмација, и неговите зборови во На работ на науката во два наврати (2012та – По трагите на древното рударство, 2013та – Македонскиот геоглиф и гробот на Александар Македонски), допринесоа за зголемениот интерес на јавноста. Како инспирација ми послужија и малкуте новинарски написи за Овче Поле и Свети Николе достапни на интернет, кои што би понудиле вистинска слика за автентичноста на овој крај, а секако и за реалната ситуација во која што живееме. Недостатокот на објавени публикации, книги, брошури од официјалните институции во векот во кој живеам, а истовременото присуство на интервјуа, навидум ексклузивни статии и согледувања (секоја чест за исклучоците) се дел од причините за овој потфат. Поддршката од луѓе чии што лик и дело ми помогнале за личниот развој е дополнителен мотив во целата акција. Намерата да се привлече меѓународно внимание кон втората по големина котлина во Македонија – Овче Поле, ми успеа. Сега зависи од сите нас кој дел од сликата ќе ја презентираме. Сведочиме дека највозрасните трпеливо чекаат посветли денови во котлината, а поладите во се поголем број се будат од илузијата и негуваат надеж за подобра иднина. Благодарен сум за вниманието на македонската јавност и интересот за мистичното Овче Поле.

g kamenНа социјалните мрежи има десетина фан страни кои што споделуваат информации од гореспоменатите сајтови и блогови, кој ја администрира целата интернет активност?

Обработката на книгите, весниците, списанијата, електронските записи од интернет, објавувањето на истите, како и администрирањето на целата активност го правам сам. На страниците се собрани и голем дел написи објавени од печатените медиуми, како и прилози и документарни филмови од телевизиите. Согледувајќи како отсуството на тн интернет писменост е се повидливо, присуството на профили од институции, луѓе, и организации во една мрежа која е далеку од официјален простор за информирање, како и ангажирањето на десетици луѓе за истото, ме поттикна целото тоа да го направам сам. Во корист на каузата за која што го правам сето ова со години. Сфатете го како еден вид интелектуален отпор кон сивилото на понудените информации на дневно ниво. Кога е неопходно, за посериозни IT интервенции безрезервно ми помагаат неколку пријатели. Сеуште постојат луѓе кои наместо стикери на паметните телефони си разменуваат книги и информации. Ретки се оние што можат да спознаат дека таканаречената цивилизација во нејзината денешна форма е пред исчезнување. Делувањето на начини различни од колективните мејнстрим норми е се попотребно, а поставувањето на општествените стандарди според идеалите на древните сонувачи е неопходно.

g zidУчествувавте во интернационален научен тим кој ги изврши првите архео-акустични истражувања во Република Македонија. Професори од неколку земји јавно ја изразија својата благодарност за Вашата долгогодишна посветеност во работата. Што се случува во Овче Поле, и што бара еден економист во ваков интердисциплинарен проект?

Да, минатата година во Овче Поле беа извршени неинвазивни архео – акустични мерења од интердисциплинарниот тим, за чија што работа веќе е објавен еден научен текст, а вториот ќе се појави наскоро. По професија сум дипломиран економист, специјалност менаџмент, односно управување. Дипломирав на Економскиот Универзитет во Варна, кој постои од 1920тата година. Веќе собирам информации за обемниот магистарски труд на тема Древно Банкарство, а го привршувам и научниот текст со можеби првата современа анализа на управувањето на културното наследство во Република Македонија. Магистарските студии ги почнувам наесен, а универзитетот ќе го изберам во зависност од понудените можности. Како ментори ги имам неколкуте врвни балкански професори, специјалисти по филозофија, економија, археологија, како и современици кои што со своето делување допринеле за одржување на надежта на овие простори.

Во наследство ми има останата домашна библиотека преполна со информации за Овчеполието и архива со новинарски написи од поранешната држава. Растењето во фамилија со просветни, здравствени и социјални работници, во најголем дел староседелци, уште од најмали години ме иницираше во еден свет за кој што допрва почнувам сериозно да учам. Умешноста за преживување во регион каде што има слој на цивилизации од прастари времиња до денес, претставува своевиден вид на уметност. Кога човек ќе се умори од демистифицирањето на народните легенди и преданија преминува кон мерење на она што е опипливо од сетилата. Привилегија е да се битисува во регион со скоро 300 потврдени археолошки локалитети, наоѓалишта со старост од 6000 години пред нашата ера, и многу видливи и невидливи творенија.

Учеството во овој проект ми овозможи да создадам како професионални, така и пријателски контакти и врски, по што соработката со професорите продолжува и на останати локации и мистериозни места во други држави. Истражувањата во Овче Поле треба да продолжат – на самото место кога за тоа ќе дојде времето, иако работата на научно ниво никогаш и не престанала, а веќе преку истата јавно се обзнанува дека колку подалеку одиме во минатото, толку појасно можеме да ги предвидиме начините на кои што ќе се развива нашата иднина, секако доколку добиените увиди се аплицираат соодветно на моменталната состојба. Да зависеше од мојот светоглед, Овче Поле би било археолошки резерват каде што целиот свет ќе може да доаѓа за да учи за многуте цивилизации кои битисувале на овие простори, а научниците ќе имаат доволно простор за истражување и соработка. Иако реалната слика е малку поинаква и сведочиме за влијанието на временските непогоди и човечкиот фактор врз досега откриените локалитети, време е да се обидеме да најдеме начин за конзервација и реставрација на истите, а ако тоа го сработиме професионално, да се продолжи со откривањето на старите градови, цркви, џамии, текиња, турбиња, гробници, храмови, култни места, подземни води, тунели… И секако, да доживееме на едно место да бидат собрани сите книги, записи, научни текстови, стари писанија за Градот на Свети Никола и Овче Поле. Ова може да биде потфат кој треба да се примени во секој дел од Република Македонија, затоа што заедно со природните ресурси, само знаењето за земјата каде што живееме може да ни помогне во борбата за посветла иднина.

rememberМногумина ќе прашаат – зошто на интернет, а не преку весници и книги?

Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето… Во дневниот печат како да исчезна просторот за вакви содржини. За издавање на книги и списанија се потребни сериозни финансии, и уште труд за продукција, промоција, продажба, различен од вложениот во пишувањето. Интернетот засега се покажа како одлична алатка за начелно промовирање на овој книжевен зафат. Книгата со наслов иМАГиНАРиУМ е веќе склопена, текстовите на Гонзо Македонски стануваат се побројни – благодарение на илузијата во која што живееме, успеав да издвојам научни текстови и извадоци од стари книги за Градот на Свети Никола и Овче Поле (книга прва) со над 300 страници, а како што споменав погоре – главна преокупација во овој период ми е управувањето со културното наследство и древното банкарство на овие простори. Наскоро на интернет ќе бидат објавени мали делови од подготвените книги во електронски формат, а се надевам дека во догледно време истите ќе успеам да ги објавам и во печатена форма.

Термините сајбер – монаси и сајбер – панкери би биле посоодветен одговор на ова прашање. Во меѓувреме, аналитичките податоци ми покажуваат дека она кое што го пуштам во етер стига до читатели од многу различни земји во светот. Дел од нив е македонската и балканската дијаспора, но има и се повеќе луѓе од други култури кои се запознаваат со нашата Македонија преку најсовремениот медиум – интернетот.
knezjeДали отсуството на поддршка и интерес од официјалните локални и државни институции ја негира или обезвреднува релевантноста на овие информации?

Поставените стандарди од она што е прифатено како начин на управување со трудот на населението се основани на поредок кој што веќе со сигурност не е во можност да продолжи да контролира нешто што е дадено како природно право. Бидејќи природното е и нормално, разбирлива е надежта за остварување на мечтите и желбите од генерациите што живееле на овие простори. Природата овозможила и повеќе од доволно за кој и да живее овде да може да има надеж дека сепак, она што колективно е прифатено како непрактично, конечно да може да се погледне од друга точка на перцепција и по соодветното аплицирање на моменталната состојба, дури и да се апсолвира како решение за вештачки креираните проблеми.

Современиот начин на перцепирање има потфрлено, поставувајќи параметри сврзани само со интелектуалниот процес. Материјалистичката мисла е безнадежна како кодекс, исто како и комерцијализираното секојдневие. Моќта да се размислува вистински – во балансиран сооднос со чистината на душата, е вистинскиот спасител на човештвото.

Јас немам проблем со системот, туку системот има проблем со мене. Веќе не станува збор за поединецот, туку за целата генерација живи луѓе кои што го живеат кошмарот наметнат од “повисоките од надвор”, “модерната буржоазија”, неграмотните опортунисти и покондираните тикви. Оние кои што ја уживаат удобноста на веќе застарениот начин на живеење и управување (само тие си знаат дали спијат мирно) се првите кои што се противат на воведувањето на новиот поредок – нов ред, заснован на принципи и начела според кои се живеело уште пред неколку милениуми. Древниот кодекс е спас за уништеното човечко достоинство во новиот век. А, малкуте кои што искрено се надеваат дека новиот ред и поредок би можел да им го осветли секојдневието и да им овозможи мирен и достоинствен живот, сеуште се плашат да се одделат од стадото, па така остануваат само дел од карпата, необликувани камења кои што не можат да се користат ни за потпора, камо ли за градење. Секоја чест на ретките исклучоци. Годината е 2015та, а лажната еволуција предизвика деволуирање на се што е човечко, вистинско и исконско.

kandaШто би им порачале на читателите?

Материјалните удобства, месечните примања и заштедите се почесто кај луѓето се поим за слобода. Но, дали сопственоста на материјалното ослободува или заробува? До пред помалку од еден век, во мојот роден крај локалното население функционирало преку размена, додека парите се чувале за нешта кои биле тешко достапни. Денес повеќето се заробени од цифрите на сметките, хартиените пари и предметите како симбол за некаков си општествен статус. Луѓето почнаа да покажуваат со прст кон секој што е различен од нив, особено кон оние кои што “им биле чудни”, “ги носеле во вечна”, па затоа не можеле да ги разберат (или не сакаат ни да се обидат). Но, забораваат на она старинското – дека кон ѕвездите на небото не смее да се покажува со прст, а нема ни кој да ги потсети дека истото важи и за живите луѓе. Истовремено, гледаме како се протежираат и промовираат луѓе кои со својата појава, говор и гестикулации само го отежнуваат секојдневието на обичните Македонци. Сведочиме за недостаток на морални и општествени вредности, а и за недостигот на личности кои што преку сопствен пример би покажале на останатите дека е дојдено времето кога повторно треба да се обидеме да сме луѓе, современа цивилизација во вистинската смисла на зборот. Спознавањето и соочувањето со сопствените сенки е тешко, понекогаш и многу болно, но со доволно посветеност и решителност, тоа огледување во сопствениот мрак носи една Светлина која што е и те како различна од суетлината, односно суетата и гордоста, кои во последно време завземаат се поголем дел во “современиот” речник. Мирот и стабилноста на колективно ниво зависат од поединечното делување на секој од нас, и секако – од чистината на одразот од огледалото во сите нас. Робовите се борат за слобода, а слободните за совршенство.

Интервју јуни 2015

Прашања – Филип Александров

Би можело да Ве интересира –

МРТ во Овче Поле – Талкачи 2011

Научно истражување во Овче Поле – 1 дел 2014

Македониум 2014 – ТВ Сонце

МРТ во Овче Поле 2 – Што крие Канда?

Continuing the research of the SBRG at the geoglyph of Kanda in Macedonia

Видео од големиот македонски геоглиф

Advertisements