Границите на Овче Поле

Овчеполската котлина претставува посебна област во средишниот дел на Балканскиот полуостров. Лежи во сливот на Светиниколска река, десна притока на Брегалница. Околу Овчеполската котлина се наоѓаат други соседни области: масивот Осогово на североисток, Кумановско – прешевската долина на север, Скопската котлина на северозапад, Велешката котлина на југозапад, долниот дел од сливот на Брегалница на југ, сливот на Злетовска река и Кочанската котлина на исток.

Границите на Овчеполската котлина се јасни. Од јужна страна е ограничена со Богословскиот гребен. На него се врвовите Иланџи (662м), Богословец (756м) и Лозјански рид (579м). Овој гребен е пробиен со клисурата на Светиниколска река кај селото Аџибегово.

Источната граница воглавно е определена со делот меѓу Светиниколска и Злетовска река. Таму најголемите висини се Рујан (701м), Каменита струга (691м) и Џелебинско трло (732м).

Најголемите височини на север се Асаница (875м), Перша (702м), Градиште (790м) и Островица (666м).

На запад е пределот помеѓу Светиниколска река и Вардар. Тука се висините Курел (690м), Облазница (598м), Градиште (856м), Свињиште (612м), Чучурли баир (597м) и Барутница (517м).

Според тоа, Овчеполската котлина е од сите страни ограничена од гребени и накосени ридови, кои ја сочинуваат изразената природна граница. Единствено на некои места помеѓу нив земјиштето е ниско и границите се неодредени. Прво такво место е на југоисток помеѓу селата Криви Дол и Сарчиево. Тука Овчеполската котлина е тесно поврзана со блиската околина на Штип.

Друго место каде што границата е слабо одредена е на југозападната страна, кон Велешката котлина. Таму има ниска накосина на која што лежи селото Каратманово со својот атар.

Третото место каде што границата е неодредена се наоѓа на север, во близина на селото Павлешенци. Тука се наоѓа ниска долина која ја спојува Овчеполската котлина со Кумановско-прешевската долина.

Овчеполската котлина, во границите наведени погоре, има околу 670 квадратни километри. По своето пространство, таа спаѓа во средно големите котлини на Македонија. Областа главно се протега од север кон југ. Долга е 32 километри. Ширината во одредени делови е нееднаква. Најголемата ширина е на линијата повлечена преку селото Врсаково на исток и Милино на запад – 26 километри.

Најголемите висини на Овчеполската котлина се наоѓаат во нејзините гранични делови. Нив ги споменавме при определувањето на природните граници. Висините се снижуваат од крајните делови кон средишните области на котлината. Најниско е околу течението на Светиниколска река близу селото Делисинци.

извор

Advertisements